Официјални лица од Нов Зеланд и Австралија, каде епидемијата на коронавирусот почна да се намалува, денеска предупредија дека сè уште е рано да се започне со ублажување на мерките за физичко дистанцирање или почнување на економска активност.

Во обете држави, бројот на нови случаи значително се намалува. Постои забрана за движење во Нов Зеланд, а Австралија строго ограничи многу активности. На Нов Зеланд се регистрирани пет смртни случаи, со околу илјада заразени. Бројот на нови случаи во Австралија денеска се зголеми за 33, што е најниска стапка за еден месец. Инфицирани се вкупно 6.322 лица, а досега починале 61 лице.

Сепак, австралискиот министер за здравство Грег Хант изјави дека е рано да се олеснат ограничувањата и покрај тоа што кривата на епидемијата е зарамнета.

– Сега е време да го задржиме тој курс, да продолжиме со самоизолација и физичката дистанца. Ова е навистина намалување на стапката на раст на нови случаи, рече Хант во телевизиско интервју.

Премиерката на Нов Зеланд Џасинда Аредерн рече дека одлуката за евентуално продолжување на забраната за движење и вонредна состојба ќе биде донесена на 20 април.

– Бројот на случаи во нашата земја е мал, но тоа не значи дека успеавме да го победиме овој вирус, рече таа.