Кривични пријави за директори на основни училишта, за дел од министрите, како и тужба пред Управниот суд поднеле 60-тина родители, чии што деца не биле запишани во градинка или училиште, поради тоа што не биле вакцинирани.

Ѕвонко Давидовиќ, кој е еден од адвокатите кои ги застапува родителите, вели дека одлуката на Владата за забрана за упис на невакцинирани деца во училиштата се коси со законот за основно образование и се кршат човековите права. Ако не е исполнет услов за запишување на децата во училиште, родителот може да добие прекршочна пријава, но не може мерка да биде забрана за упис, порачува Давидовиќ.

– „Директорите на училиштата поведени од некој си допис на Министерството за здравство, во ситуација каде Министерот за образование мирува и не си ги презема надлежностите имаме една шаренолика слика низ Македонија каде што дел од училиштата ги примаат учениците иако не се вакцинирани, дел го одбиваат уписот, но не на начинот кој е задолжителен во законот за основно образование, значи да има Комисија, таа Комисја да достави решение во кое ќе се наведат причините. Вие можете да поведете прекршочна постапка против родителот кој можеби не ги вакцинирал од некои причини децата, но не можете да го одбиете на уписот во училиштата. Министрите за здравство образование и труд и социјала сериозно треба да размислат што ќе преземат затоа што не можат една група на граѓани да маргинализираат а особено во делот на правото на образование“ – Ѕвонко Давидовиќ – Адвокат.

Колку ученици не се примени во училиштата поради вакциналниот статус, властите се уште не знаат, но остануваат на одлуката дека само вакцинирани деца ќе седнат во училишните клупи, а најавуваат и теренска вакцинација. Нема одговори што ќе се случува со децата кои ќе останат надвор од образовниот систем и дали Владата размислува за алтернативни решенија за нив.

– „Сме ги разгледале сите законски можности за надминување на оваа состојба и сега тоа што го нудиме заедно со Министерството за здравство, заедно со министерот Филипче е и теренска вакцинација. Досега сме задоволни од процентот на деца кои се вакцинирани“. – Арбер Адеми – Министер за образование и наука.

Според адвокатите пак, постојат посебни законски процедури кога ученик се одбива за упис во училиште, кои како што велат сега не се запазени.

– „Точно е дека стои во законот дека е должен родителот да обезбеди потврда за вакцините, но исто така стои во законот дека е задолжително образованието, дека родителот е должен да го запише, а училиштето единствена можност кое има да не го запише односно да го одложи времето на упис е Комисијата за прием да процени дека детето се уште не е зрело па да го одложи за една година. Но, тоа го прави Комисија, ако го прочитате законот точно стои кој е во Комисјата, стои дека за такво нешто се издава решение и дека родителот потоа има право на правно средство до повисока инстанца. Такво нешто апсолутно не запазено.“ – Ѕвонко Давидовиќ – Адвокат.

Владината одлука за забрана за прием на невакцинирани деца во училиштата беше донесена во мај, откако на крајот на минатата година изби епидемија на мали сипаници, во која четири деца починаа како резултат на компликации, а над 1 000 лица беа заразени со морбили. Забраната сеуште важи и за детските градинки.