И додека бостанот скапува по нивите или на откупните центри, надлежните и натаму тврдат дека со родот нема никаков проблем. Велат дека тој редовно се откупува, но за жал сликата од терен е сосема поинаква.

Од Кабинетот на министерот за земјоделство велат дека тие не носат одлуки врз основа на барање на неколку производители, туку врз основа на конкретни анализи. Се правдаат дека состојбата на терен ја следеле и дека засега немало потреба од интервентни мерки, вели Трајан Димовски, шеф на Кабинет на министерот за земјоделство.

Во меѓувреме земјоделците мака мачат со откупот на бостан, а реалната слика е алармантна. Тие се жалат на ниската заработка, зашто цената за килограм е многу ниска. Младиот Димче Бошевски е производител на лубеници од Росоман. Вели дека државата не мрднала со прст, а камо да им дадат некаква помош.

Покрај ниската откупна цена на бостанот, ништо подобро не е ниту со другите производи. Слична судбина има и праската која од ден на ден губи на цена. На пазарите во Росоман цела гајба оди за 100 денари, вели Ѕвонко Ѓоргов, производител на праски.

Ништо подобро не е ниту со откупот на јаболкото. Производителите признаваат дека имаа проблем и со пласманот, и со откупот. Сегашната цена, не може да ги задоволи реалните потреби, вели Менде Ивановски од Ресен, кој е производител на јаболка.

И додека земјоделците мака мачат со родот, Ресорниот министер не ги гледа ни блокираните патишта во струмичко, ниту пак очајните лица на производителите. Бостанџиите или ги подаруваа или ги фрлаа лубениците на улица. Тие и денеска во близина на неколку бензински станици околу Неготино решија да го даваат својот род бадијала за да не заврши на ѓубриште.

Инаку, производителите на бостан вчера ги блокираа патиштата околу Струмица во обид државата да се освести и да им помогне да го решат проблемот со откупот, зашто според нив, цената под 3 денари за килограм е недоволна да ги покријат ниту најосновните трошоци.