Британската Влада нема да го зголеми бројот на работници што ги плаќа државата, кои се на принуден одмор поради пандемијата со Ковид-19, објави „Фајненшл тајмс“.

Државата сега субвенционира осум милиони работници кои се на принуден одмор поради пандемијата, а британскиот министер за финансии Риши Сунак наредните денови ќе објави колку работодавачите ќе мора да придонесат за владината програма до август.

Ќе се воведуваат и нови правила за работа со скратено работно време, што сега не е дозволено.

За да се избегне работодавачите да пријавуваат дополнително работници за програмата за помош и да ги вратат на половина работно време, а сето тоа да го субвенционира државата, Министерството за финансии најверојатно ќе го укине понатамошното пријавување за таа програма, наведува „Фајненшл тајмс“.

Сега британската Влада плаќа 80 отсто од платите, што е до 2.500 фунти месечно на речиси секој вработен во приватниот сектор, кој е на привремен одмор поради пандемијата со Ковид-19.