Бројот на корисници на социјална помош и оваа година е во пораст. На листата на социјални случаи годинава се приклучиле 8,5 илјади домаќинства, а следната се очекува да се приклучат уште 5,5 илјади семејства, изјави министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска.

– Минатата година корисници на социјална помош биле 35.500 домаќинства што значи дека за една година, оваа 2021 се запишале нови 8,500 семејства. За наредната, со оглед на тоа дека кризата ќе потрае, се очекуваат нови 5,500 корисници на социјална помош, изјави министерката Јагода Шахпаска.

Миле Бошков од Бизнис Конфедерацијата посочи дека минималната плата треба да е драстично повисока од социјалната помош. Во Македонија минималната плата изнесува 15.000 денари, додека за да се задоволат основните месечни потреби на едно 4 члено семејство потребни му се 34.600 денари.

– Загрижува факторот што Законот индиректно поттикнува сива економија, бидејќи ги задржува овие лица во нерегистрирана дејност. Не верувам дека тие лица се сите дома, туку дека работат на црно. Според мене, минималната плата треба да е драстично повисока од социјалната помош, за примателите на помош да посакаат да работат и контролите да бидат чести, да се види дали тие лица се дома или работат на црно, изјави Миле Бошков, Бизнис Конфедерација.