Во 2017 година биле регистрирани 2.800 пациенти со хронична опструктивна белодробна болест позната како ХОББ. Оваа година се регистрирани повеќе од 2.700 пациенти и се очекува тој број до крајот на годинава да биде уште поголем во однос на изминатата година. Ова го соопшти директорот на Клиниката за пулмологија, Дејан Докиќ на одбележувањето на Светскиот ден на хронична опструктивна белодробна болест – 21 Ноември. Инаку околу 100.000 луѓе во Македонија имаат ХОББ.
И додека бројките говорат за зголемување на болните од ХОББ, Фондот за здравствено осигурување не интервенира во квотите. Имено квотите за спрејовите кои се основна терапија и ги користат болните од оваа болест не се зголемени. Станува збор за спрејови Спирива и Серетиде кои тешко се наоѓаат да се купат приватно, а за на рецепта како што велат самите пациенти мака мачат.
-Пред први одам во аптека да им кажам да ми чуваат. Но, аптекарката ми вели веќе имам листа со околу 20 лица кои бараат да им чувам, а во аптека добиваме два или три спреја максимум, за кого да чувам, вели граѓанин кој го сретнавме пред Клиниката за пулмологија.
Тој прашува, а како да ги купам кога еден чини нешто помалку од три илјади, или двата околу шест илјади денари.
-Каде се другите лекови. Едноставно човек не може ни да се лечи иако плаќа здравствено осигурување, се мора да плати, ако може, констатира граѓанинот.
Најтрагично, велат лекарите е што, ова е основна на терапијата за болните од ХОББ. Или како што потенцираат, тие не можат да живеат без нив.
Она што е позитивно, вели директорот на Клиниката Докиќ, е што се намалува бројот на повторни хоспитализации односно влошувања на здравствената состојба кај овие пациенти.
-Бројот на пациенти кои по втор или трет пат лежат на Клиниката е намален за околу 700, што се должи на добра превенција и лекување во амбулантските простории на Клиниката, рече Докиќ.
Претседателот на Македонското респираторно здружение, доктор Марија Здравеска вели дека  аерозагдувањето е главна пречка за болеста и посочи дека Македонија е меѓу највисоко рангираните земји во Европа според бројот на смртни случаи од ХОББ.
– Повеќе од 400 милиони луѓе во светот боледуваат од ХОББ. Се предвидува дека околу три милиони луѓе годишно го губат својот живот од хронична опструктивна белодробна болест, а оваа бројка се зголемува. Се предвидува дека до 2030 година 4,5 милиони луѓе годишно ќе бидат жртви на ХОББ, посочи Здравеска.
Македонското респираторно здружение вчера организраше стручен состанок на тема „Хронична опструктивна белодробна болест – никогаш прерано, никогаш предоцна“, а направи и промоција на преведениот најнов Европски водич за третман на зависност од тутун.
Денеска пак по повод светскиот ден за ХОББ кој се одбележува под мотото „Никогаш не е прерано, никогаш не е предоцна.“,  лекари од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје и Здружението на пневмофтизиолозите, за граѓаните прават бесплатни прегледи за мерење на дишната функција во населбата Аеродром во Капитол мол.