Во светски рамки, бројот на нови случаи на коронавирус во Шангај продолжува благо да се намалува. Шангај пријави 274 случаи на Ковид преку локална трансмисија, како и 5.395 локални асимптоматски случаи, соопшти вчера општинската здравствена комисија. Повеќе од половина од жителите на Шангај живеат во помалку ризични „превентивни области“ според најновото прилагодување на градот на неговата тристепена класификација на ризичните области во однос на Ковид-19.

Од неделата, над 15,1 милиони жители, или околу 60 отсто од постојаното население на градот, живеат во зони на претпазливост без извештај за инфекции во текот на изминатите две недели, според Жао Дандан, заменик директор на здравствената комисија. Од другите, 2,76 милиони жители се во зони на заклучување (локдаун) и 5,51 милиони во контролирани зони, каде сè уште се спроведуваат строги мерки за контрола на епидемијата врз основа на резултати од тестови. Многу населби, кои припаѓаат на зоните на претпазливост од 1 мај дозволуваат едно лице по семејство да ја напушти заедницата, но не повеќе од четири часа дневно.

И кинеските власти подготвуваат болнички капацитети во Пекинг во случај на нов бран на епидемија на коронавирусот, иако бројот на новозаразени е сè уште низок. Државните медиуми вчера објавија дека болницата со 1.000 кревети во Сјаотангшан во североисточното предградие на Пекинг, која е изградена во 2003 година за лекување на лица заразени со САРС, била обновена во случај да се појави нов бран на инфекција на Ковид-19.

Во изминатите 24 часа во Пекинг се потврдени уште 62 новозаразени лица, од кои 11 не покажуваат симптоми на инфекција. Во текот на двонеделниот бран од избивањето на епидемијата во главниот град на Кина се евидентирани околу 450 нови случаи.