Последниве неколку дена актуелна е темата за статистиката на починати лица од Ковид-19. Станува збор за несовпаѓање на бројката на системот „Мој Термин“ со бројката на починати на Управата за матични книги.

Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје на дневна основа добиваат податоци за починатите лица во Јавните здравствени установи како и од приватните болници. При тоа како што се добиваат информациите така Министерството за здравство ги објавува, велат од министерството. Тие на 22 април излегоа со соопштение во кое посочија дека транспарентно се објавуваат сите податоци за позитивни, тестирани, починати, хоспитализирани пациенти со КОВИД-19 на територија на цела држава.

Во однос на несовпаѓањето на бројките, ваква ситуација се појавила во Прилеп каде бројките не се совпаѓаат за околу 435 лица.

– Се случува понекогаш за починат пациент да се добие резултат од позитивен брис ден-два по смртта и тогаш да се пријави тој пациент во базата на починати. Приватните болници податоците за починатите ги праќаат до ИЈЗ на дневна или на неделна основа. Дента кога истите ќе пристигнат се објавуваат транспарентно со напомена доколку се работи за бројка на починати за период од една недела или подолг период“, посочија од министерството за здравство.