Според податоците од 7 часот наутро објавени од Ворлдометерс, во светот од коронавирус починале 13.069 луѓе, а досега се забележани 308.564 случаи на зараза.

Најпогодена е Италија, каде починаа 4.825 лица, а само вчера починаа 793 лица.

Италијанската влада ги затвора сите производствени активности што не се неопходни во обид да се забави пандемијата на коронавирусот, рече доцна синоќа премиерот Џузепе Конте.

По Италија, во Европа најтешко погодена е Шпанија, со 1.381 смртни случаи и над 25.000 случаи на зараза, додека во Франција има 562 смртни случаи и бројот на заразени е над 14.000.

Бројот на заразени со коронавирус во Босна и Херцеговина утринава достигна 94 откако е потврден нов случај во Травник, потврдија болнички извори во таа земја.

Јужна Кореја објави 98 нови случаи на коронавирус, и неделата во која имаше пораст и пад на бројот на нови случаи во земјата завршува со двојно повеќе новозаразени.

Американската територија, Гуам, ја потврди првата жртва на коронавирусот. Се работи за 68-годишен пациент со здравствени проблеми.

Сите патници кои пристигнуваат во Шангај ќе бидат тестирани за коронавирус.

Во Србија ноќеска се потврдени 17 нови случаи на коронавирус, што значи дека во земјата има 188 заразени, соопшти Министерството за здравство.