Во врска со препораката на Комисијата за заразни болести за формирање на пет ковид амбуланти кои треба да функционираат во Скопје, претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, во синоќешното гостување на вестите на една од нашите национални тв куќи, појасни дека таа идеја е заговарана на почетокот на пандемијата. Потенцира дека целта е тријажирање на пациентите и нивно благовремено насочување дали се за лекување во домашни услови, дали се за лекување во секундарна и во терцијарна установа.

– Од почетокот на пандемијата досега имаме огромен притисок главно на Инфективната клиника, ковид центрите на начин што штом пациентот стане позитивен дури и ако се сомнева на позитивен резултат веднаш стигнува на клиника. Тоа не е дозволиво и не може да опстане. Идејата на предлогот за фирмирање на овие амбуланти е на едно место пациентите кои се сомневаат дека можеби имаат Ковид да дојдат, да добијат клинички, физикален преглед и доктор да процени дали нивната состојба одговара на домашно лекување или можеби итно треба да се испрати во некоја болничка установа и истовремено да го добие тестирањето. Сега имаме ситуација пациентите да се јават на матичен лекар, таму да се закаже тестирање по четири, пет дена, резултатот да се добие уште по дополнителни ден, два, тоа се шест изгубени дена само во тестирање. Идејата е матичниот лекар кој ќе држи смена во овие ковид амбуланти да ја направи проценката веднаш штом човекот почувствува симптоми и веднаш да биде тестиран…, рече д-р Петличковски.

Истакна дека секој матичен лекар во овие пет ковид амбуланти ќе има една смена во месец и половина.

– Во сите други термини неговите пациенти остануваат со него. За време на неговата смена предвидено е да функционира замената и од тој аспект не би требало ништо да се смени освен што на пациентите ќе им се скрати лутањето и ќе се забрза поставување на дијагнозата и евентуално изолирањето на позитивните пациенти. Во наскоро време очекувам да организираме средба со трите претставници на матичните лекари. Во текот на идната недела се надевам дека ќе почнат со работи ковид амбулантите, додаде д-р Петличковски.