Според информациите кои ги пренесоа дел од македонските електронски медиуми, случајот кај кого е потврден делта сојот на коронавирусот е всушност четириесет и тригодишно лице од Велес кое пред две недели се вратило од Англија во Македонија. Во моментов како што потврди денеска и министерот за здравство Венко Филипче, лицето се наоѓа на лекување во велешката болница, на инфективното одделение.
Доктор Елеонора Јованова, портпаролка на болницата, потврдила дека пациентот веќе седум дена се наоѓа на инфективното одделение во болницата, има полесна клиничка слика и не е на кислородна поддршка.
Министерот Филипче во текот на денешниот ден информираше и дека за уште четворица пациенти се чекаат резултатите во однос на тоа дали се заразени со индискиот делта сој или не, а велешкиот пациент е четврт случај на заразен со делта сојот во земјава. Тој посочи и дека помеѓу заразените не постои епидемиолошка поврзаност.