Влезот на Македонија во Европската Унија значи и почеток на нова ера за здравствениот систем на државата. Членството ја отвора вратата за прилив на значителни средства преку ЕУ фондовите, наменети за зајакнување на здравството. Финансиската поддршка дава можност и за изградба на нови и модерни болници, надградба на веќе постоечките медицински установи и обезбедување на современа опрема за поголема грижа за пациентите.
Македонското здравство ќе се води по европски стандарди!
Со пристапувањето, Македонија дополнително би го усогласила и своето здравство со европските стандарди. Ова не само што обезбедува испорака на поквалитетна здравствена заштита, туку и ја олеснува соработката со останатите европски здравствени системи. Земјата би добила и можност за прекугранична соработка во здравството, што пак го олеснува споделувањето не само на експертиза, туку и на ресурси со останатите членки, на тој начин обезбедувајќи и координиран одговор на регионалните здравствени прашања.
Самото членство обезбедува унифициран одговор на здравствените кризи. Земјите-членки имаат корист од соработката олеснета преку Европскиот центар за превенција и контрола на болести, притоа промовирајќи споделување на информации, координирани стратегии и колективен одговор кон здравствените предизвици.
Здравствените работници ќе имаат пристап до разни програми
Најголема корист секако би имале здравствените работници, кои ќе имаат, пред сè, олеснет и зголемен пристап до програмите за образование и обука финансирани од ЕУ. Ова обезбедува квалификувана и прилагодлива работна сила во здравството, способна да одговори на сите предизвици. Активното учество во здравствените иницијативи на ЕУ и овозможува на Македонија да придонесе и да има корист и од заедничките проекти кои се однесуваат на здравствените проблеми. Овој пристап обезбедува еден сеопфатен одговор на заедничките здравствени приоритети.
ЕУ и помогна на Македонија да се справи со Ковид-19
Придобивките од ЕУ во поглед на покренување на стандардите во здравството и одговорот при глобални здравствени кризи најдобро може да се опише и со тоа што од почетокот на Ковид пандемијата, ЕУ на Македонија и обезбеди над 240 милиони евра. Го поддржа и обезбедувањето на итна помош за здравството, преку респиратори, вакцини и друга медицинска опрема. Сумата покрај тоа, вклучува и 64 милиони евра во форма на грантови и 160 милиони евра во вид на поволни заеми за ублажување на последиците од пандемијата.
Покрај за Ковид кризата, ЕУ беше и сè уште го поддржува и помага во развојот на македонското здравство. Од апарати за магнетна резонанца за болницата „Свети Еразмо“ во Охрид, болниците во Струмица и Прилеп, до апарати за компјутерска томографија во Кавадарци, Гевгелија, Куманово и Кичево, Унијата низ годините е постојано присутна. На почетокот на 2024 година ЕУ најави и донација на седум возила за итната медицинска помош, која низ годините се соочува со недостиг на возила и кадар, за соодветно да одговори на сите предизвици.
Членството во ЕУ за Македонија дополнително би го олеснило и учеството во меѓународните мрежи за споделување органи. Ова би и овозможило на земјата да се вклучи во прекугранична соработка за донирање органи и трансплантација, а на тој начин да го прошири на фондот на достапни органи за нејзините граѓани.
Сета оваа помош за земјава како кандидат за членство е неспоредлива со поддршката што ќе дојде со полноправното членство во ЕУ, кога преку европските фондови и механизмите за развој, земјата би добила вистински поттик за развој и реформа на здравствениот систем.
Здравото население е клучен двигател на економскиот просперитет. Намалените трошоци за здравствена заштита, зголемената продуктивност на работната сила и подобрувањето на целокупната состојба преку членството во ЕУ, дополнително ќе придонесат и за одржлив развој на економијата во Македонија.