На денешната промоција на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ – „Проект Обнова“, се обрати советникот од стратешкиот тим на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, д-р Сашко Кедев. Кедев потенцираше дека системот во Република Македонија изминативе четири години, не само од здравствен аспект, туку и од сите други области е колабиран.

„Во новата стратегија и програма на ВМРО-ДПМНЕ, ние се обврзуваме и ветуваме екстензивно инвестирање во здравствениот систем. Здравствените работници ќе го почувствуваат тоа уште во првите неколку месеци, а со тоа целосно ќе се подобри системот и процесот на секојдневното функционирање. Граѓаните на Република Македонија ќе можат да имаат потполна верба во јавното здравство”, истакна Кедев.

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на јавното здравје се предвидува и функционално окрупнување на сродни дејности од медицината, што ќе придонесе за енормно поголем квалитет на услугите кои граѓаните, односно пациентите ќе ги добиваат од јавното здравство. Огромни вложувања ќе има во превентивната медицина, која најчесто се користи во секојдневната работа на здравствените работници, а потоа ќе следат и големи инвестиции во високата и екстремна медицина. „Здравствениот систем ќе мора да се ревитализира во многу области, но еден од поважните проекти во врска со јавното здравје ќе биде електронското водење на пациентите, односно електронски регистар кој ќе овозможи прегледност на болеста на пациентите кои треба да се лекуваат. Тоа ќе придонесе за полесен пристап и поголема прегледност на информациите кои треба да ги има секој доктор за одреден пациент, со што ќе се добие доволно време за реакција соодветна на потребите”, додава Кедев.

ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на реализација на сите проекти кои се наоѓаат во изборната програма за наредните четири години. Се обврзува на инвестиции во доменот на здравствениот систем во Република Македонија кој треба да биде темелот на една софистицирана и силна држава во која граѓаните ќе имаат доверба во јавното здравство.