Стоматолошката комора на Македонија чека официјална информација по вчерашната средба меѓу министерот за здравство, Венко Филипче и едно од Здруженијата на приватни стоматолози – Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина, на која најавениот протест на 6. ноември беше ставен во мирување.

Штрајкот што за утре го најави oвa Здружение е ставен во мирување, откако со претставниците од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување вчера било договорено предлозите на здружението за промена на моделот на финансирање во примарната стоматологија да се стават на расправа.

– За да излеземе со каков било став на Комората, очекуваме официјален став на Министерството за здравство, по состанокот со ова Здружение. Сѐ уште не сме добиле никаква информација за оваа средба, а за нас е недоволна информацијата објавена преку порталите. Откако ќе бидеме информирани за вчерашната средба, Стоматолошката комора ќе се изјасни дали воопшто и на кој начин ќе учествува во работната група. Еве од изутрина веќе имавме реакции од три здруженија кои се залагаат за постојниот модел или застапуваат други модели на плаќање, а кои реагираат на можното учество на Комората во работната група. Велат и тие би сакале да учествуваат – изјави д-р Маријан Денковски, претседател на Стоматолошката комора.

Тој објаснува дека во Комората веќе постои Комисија за долгорочна стратегија за стоматологија, во која учествуваат и претставници на други здруженија на стоматолози, кои предлагаат други модели на плаќање, на пример, плаќање по услуга, но и целосно приватна стоматологија. Има предлози и за унапредување на постојните модели на плаќање и друго.

Во земјава има 3.800 доктори на стоматологија, а дури 26 здруженија на стоматолози.

Повеќе од 10 отсто од вкупниот број стоматолози, околу 500 немаат договори за работа со Фондот за здравство, а според моделот којшто се предлага за нив, тие, доколку добијат дозвола за работа од Министерството и склучат договор со Фондот, би добивале надомест од 150.000 денари месечно!

Од Здружението претходно побараа стоматолозите кои работат со Фондот да добиваат фиксен надомест од 90.000 денари месечно, наместо плаќање по капитационен бод. Како што најавија министерот Филипче и директорот на Фондот за здравство, Ден  Дончев, од 1 октомври бодот во стоматологијата се зголемува од 40 на 48 денари, а се зголемуваат и фиксните износи што ги добиваат специјалистите.

По најавата за протестот на едно од Здруженијата, Комората во минатиот четврток  одржала седница на Извршниот одбор, по што информираше со соопштение:

– Комората не е консултирана за ни едно од нивните барања, а Здружението, лажно и невистинито, се претставува како застапник на сите стоматолози, а и во изјавите објавуваат дека имаат не повеќе од 200 членови, а да потсетиме дека има 3.800  стоматолози во земјата. Барањата на ова Здружение се неконзистентни и се менуваат од месец во месец. Поголемиот број наши членови се против бришење на институцијата матичен стоматолог, врз што се темели платформата на Здружението. Добивање фиксна плата на секој стоматолошки тим од бараните суми (90.000 денари и повеќе) кога нема матичен стоматолог, ќе предизвика формирање прекумерен број тимови што во блиска иднина ФЗОМ нема да може да го издржи и тоа ќе предизвика спротивен ефект – до комплетна приватизација на стоматологијата – предупредуваат од Комората.

Во соопштението, од Комората прашуваат:

– Кој би бил мотивот ФЗОМ, Министерството за здравство и Владата, воопшто сериозно да го разгледува моделот со фиксно плаќање на приватните стоматолошки ординации, без контрола и обврска тие нешто да сработат, а притоа, осигурениците да се ограничат на 3 (три) услуги годишно, по што секоја услуга би ја плаќале приватно – се наведува во соопштението.