Доктор Игор Николов, член на Извршниот комитет на вмро-дпмне, денес одржа прес-конференција на која посебно внимание обрна на бројот на новозаразени. Многу порано требаше да се спроведува она што го предлагавме – поголем број на тестирања, масовен скрининг пред се на ризичните групи, на хронично болните, на возрасните и секако на медицинските работници, посочи Николов. Во продолжение го пренесуваме текстот од прес-конференцијата на Доктор Игор Николов:
– Ако бројката на новозаразени со корона вирусот беше околу 10 проценти пред две недели од тестираните сега се движи околу 15-20 проценти од тестираните лица дневно. Ова е показател дека многу порано требаше да се спроведува она што го предлагавме – поголем број на тестирања, масовен скрининг пред се на ризичните групи, на хронично болните, на возрасните, и секако на медицинските работници. Бројот на заболени медицински работници, оние на чии што плеќи е товарот за справувањето со кризата, од ден на ден е се поголем, недостасува и лична заштитна опрема.
– Македонија е единствената земја во регионот и пошироко во која системот комплетно потфрли во справувањето со корона вирусот. Ова дополнително е потврдено и од ФОРБС со што Македонија не е меѓу првите сто земји кои се справуваат со корона вирусот. Или Македонија потфрли по ефикасноста во спроведувањето на мерките, по откривањето на заболените и по бројот на тестирања.
– ВМРО-ДПМНЕ веќе предупреди дека податоците за новозаболени ќе се штелуваат со цел да се глуми нормалност. Се поставува прашањето дали навистина професионализмот на Комисијата за заразни болести потклекна на барањата на Зоран Заев да се спушти бројката на новозаразени со тоа да не се тестираат и оние кои што се можни асимптоматски случаи? ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека ова ќе се врати како бумеранг. Ова е резултат на однесување на првиот човек на Комисијата за заразни болести, седумте политички директори на Клиники назначени од министерот за здравство и самиот министер.
– На граѓаните и на Македонија им е потребна стручна комисија, а не партиска, потребно е да се слуша струката, медицината, а не политиката. Потребно е итно проветрување и прочистување на Комисијата за заразни болести, потребен е свеж ветер.
Македонија е црна точка во регионот и пошироко. Сите ги затворија границите за македонските граѓани. Тие се непожелни заради тоа што владата предводена од СДСМ ја стави Македонија во кош со најнебезбедните земји во однос на справувањето со корона кризата. Затоа треба да има одговорност!