Со резолуција на Обединетите нации на 12 јули 2012 година, 20-ти март се прогласи за меѓународен ден на среќата. Според експертите, кога сме заедно и се однесуваме подобро од вообичаено, сме посреќни и тогаш ја шириме среќата.

Причината за воведувањето на овој ден во календарот на прослави е во „зголемување на свеста за важноста на потрагата по среќа и благосостојбата на светската популација, бидејќи потрагата по среќа е основна човечка цел.“ Меѓународниот ден на среќата, 20 март, беше прифатен едногласно и сите 193 земји-членки гласаа за и ја изгласаа резолуцијата 66-281.

Минатата година а и оваа година, на многумина им покажа дека среќата не е исклучиво во материјалните работи, туку дека има многу работи што се непроценливи и важни, како што се прегратките, пријателите, семејството и секако здравјето, физички и психички.

Во светот постојат неколку причини кои се одразуваат на среќата на луѓето: гладтта, недостаток од образование и свесност, пристап кон медицински установи и прекршување на човековите права. Според светскиот извештај за среќа најнесреќните градови најчесто се наоѓаат во неразвиените земји и земјите во кои има војни, вооружени конфликти, граѓански војни, политичка нестабилност или природни катастрофи.

Наједноставниот начин на кој можеме да си помогнеме е да бидеме заедно и сплотени. Но има и луѓе кои живеат сами, па еве неколку совети кои можат да не направат посреќни:

-Одберете хоби и научете нешто ново. На овој начин не само што ќе се вложиме себеси во нешто туку и навистина ќе уживаме и ќе бидеме посреќни.

-Волонтирајте во вашите општински центри кои работат со деца или луѓе на кои им треба помош, насмевките секогаш го прават светот подобро место за живеење.

-На овој ден на среќата споделете ја важноста да бидеме среќни со тоа што ќе се одржуваме во добро здравје. Менталното здравје и споделувањето на среќата со другите играат голема улога во нашите животи.