Денеска се одржа третиот по ред Национален форум „Здравствена правичност, кохезија и отпорност во Македонија: Кон трансформација на здравствениот систем“ на кој говореше министерот за здравство, Фатмир Меџити и специјалната претставничка на Светската здравствена организација (СЗО) и шефица на Канцеларијата во Скопје, Ане Јохансен. Тој истакна дека итно е потребно да се ажурира позитивната листа со нови современи лекови за справување со незаразните болести, особено за хипертензија.

– Ова е главна причина што нашите граѓани плаќаат 40 отсто од здравствените трошоци, што резултира со тоа што 7 проценти од домаќинствата имаат високи трошоци за здравствена заштита, а 4 отсто се соочуваат со сиромаштија поради високите трошоци за лекови, рече Меџити.

Меџити потсети дека неодамна се комплетирани пет нови клинички упатства и протоколи засновани на меѓународни упатства и докази за најчестите хронични заболувања и состојби – хипертензија, дијабетес, хронична опструктивна, белодробна болест, астма и хипотироидизам.

– Владата на 17 март усвои закон со кој на општите лекари им овозможи да ги дијагностицираат овие болести и да препишуваат лекови согласно наведеното во новите клинички упатства, кои исто така вклучуваат ажурирани рецепти. Фармацевтските компании сега ќе имаат можност да го изразат својот интерес за нови лекови, базирани на докази, со цел вклучување на позитивната листа. Дополнително, процесот на обединување на универзитетските клиники под едно правно лице и еден генерален менаџер, ќе ја подобри координацијата и ќе обезбеди оптимално искористување на ресурсите. Веќе го почнавме процесот во Владата за укинување на организациските директори и пренасочување на средствата кон подобрување на грижата за пациентите, рече министерот.

Посочи дека со поддршка од агенциите на ОН се работи на изградба на систем за примарна здравствена заштита, којшто ќе ги задоволува потребите на населението, а потребно е и ажурирање на клиничките упатства и унапредување на електронскиот здравствен информативен систем.

На форумот беше истакнато дека смртноста на новороденчињата во последните три години е намалена во Македонија со што земјата предводи во однос на другите држави од регионот, истакна специјалната претставничка на Светската здравствена организација за Македонија, Ане Јохансен.

Според Јохансон, се уште постојат предизвици со кои се соочува здравствениот систем во земјава, но остварени се и многу значајни подобрувања. Посочи дека има реформи што се во тек и кои се остваруваат чекор по чекор, а се во насока на подобрување на севкупниот пристап кон здравствена заштита.