Денеска се одбележува Светскиот ден за борба против СИДА-та. Овој ден е прогласен за светски ден во 1988 година, а е посветен на подигнување на свеста за опасноста која ја носи болеста предизвикана од ХИВ вирусот, наречена СИДА (AIDS). Сида е акроним на францускиот назив за „синдром на стекнат имунолошки дефицит“ (француски: Syndrome d’immunodéficience acquise), а AIDS потекнува од англискиот назив за „стекнатимунодефицитарен синдром“ (англиски: Acquired Immunodeficiency Syndrome). Сидата е животно-загрозувачка состојба предизвикана од ХИВ вирусот кој го напаѓа имуниот систем на луѓето и ја намалува неговата способност да се штити од другите болести.

Според Светската здравствена организација (СЗО), ХИВ и понатаму останува глобален проблем за јавното здравје. Повеќе од два милиони луѓе во Европскиот регион на СЗО се погодени од ХИВ. Оценката на СЗО е дека во последните неколку години нема напредок кон постигнување на целите за ХИВ. Намалени се ресурсите, а како резултат на тоа, голем број животи се загрозени.

Во земјава, до 2022 година од ХИВ/СИДА починале 123 лица, а 451 лице живее со ХИВ/СИДА. Во текот на октомври, согласно податоците објавени од Институтот за јавно здравје, регистрирани се пет нови случаи . Сите пријавени се со ХИВ. Регистриран е и еден смртен случај од ХИВ/СИДА.

За ХИВ/СИДА не постои лек, но постојат лекови што ја успоруваат болеста. Со цел да се заштитите од ХИВ/СИДА потребно е да се практикуваат сигурни сексуални односи со користење на презерватив. За да дознаете дали сте позитивни на ХИВ потребно е да се направи тест. Тестот за ХИВ се препорачува да се направи најмалку три месеци, а во некои ситуации и до шест месеци од ризичниот контакт.

Од СЗО ги повикуваат глобалните лидери и граѓаните да ги препознаат и да ги решат нееднаквостите што го кочат напредокот во ставањето крај на СИДА-та и да се изедначи пристапот до основните услуги за ХИВ, особено за клучните популации – мажи кои имаат секс со мажи, трансродови лица, луѓе кои користат дроги, сексуални работници, затвореници и мигранти – и нивните партнери.