Денеска директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) Лирим Шабани посочи дека треба да се даде време за утврдување на наодите за клиниката „Жан Митрев“ согласно законите и прописите. Од голема помош е емисијата на ИРЛ, ги охрабрувам сите други да им помогнат на институциите, рече Шабани.
Шабани на прес-конференцијата во врска со случајот „Брезев“ и работењето на клиничката болница „Жан Митрев“ на која присуствуваат министерот за здравство Беким Сали, директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) Иринка Сотровска Бухова, како и претседателката на Лекарската комора Калина Кривчева Старделова, порача дека никој не е над законот и дека тој што згрешил, ќе одговара за своите постапки.
Тој информира дека веќе се закажани две комисии, етичка и комисија за клинички испитувања кои ќе работат на случајот.
– Логично е малку да се даде време за да се утврди се според протоколите, прописите и законите. Сакаме да сме сигурни дека тоа било така како што е објавено. Никој не вели дека имало или немало клиничко испитување. Велиме како што кажува законот – ако некој развива некакво клиничко испитување, тоа се санкционира, а за да се санкционира треба да се потврди. Од голема помош е емисијата на ИРЛ, ги охрабрувам сите други да им помогнат на институциите. Во меѓувреме тече состанокот меѓу претставниците на МАЛМЕД и тимот од „Жан Митрев“, се соочуваат аргументите, истакна Шабани.
Според него, не може ништо да се тврди ад-хок, ако претходно не се докаже.
-Ако вели некој дека нема изјава од пациенти, не можеме да кажеме дали има или нема. Ги викнавме луѓето да достават документација. Агенцијата за лекови прати инспекција пред да се објави документарецот, им даде пет дена рок, до вчера попладне доставија дел од документацијата, денеска се дојдени за објаснување. Закажана е Комисија за клинички испитувања, а ќе заседава и Етичка комисија. Дајте барем малку време да се потврдат наодите. Што и да се утврди, ќе се постапи соодветно, рече Шабани.