Недостатокот на кадар ја закочи дисперзијата на Центарот за зависности во Кисела Вода. Иако здравствените власти ветуваа дека од номеври 2019 зависниците ќе земаат метадон на неколку локации во градот, реализацијата на проектот тапка во место.

И додека Филипче пред три месеци изјави дека имаат план и распоред на лекарски тимови по кои ќе функционираат пунктовите во поликлиниките Јане Сандански и Ченто, денеска министерството за здравство со одговор дека допрва ќе работат на доекипирање на медицинскиот персонал.

– Следната фаза на која се работи во периодов е доекипирање на медицинскиот персонал кој ќе работи во пунктовите. Според потребите и во зависност од обемот на пациенти кои ќе земаат дневно терапија, планирано е да бидат ангажирани по еден психијатар и една до две медицински сестри.

Надлежните тврдат дека во поликлиниките обезбедиле простор за сместување на пунктовите, но информациите на терен го кажуваат спротивното, во објектите нема инвентар и опрема. И додека целиот процес на дисперзија се пролонгира, од невладините кои работат со зависности велат дека е неопходно зависниците да добиваат метадонска терапија на повеќе локации.

На крајот на 2018-та први на протести излегоа жителите од Кисела Вода кои побараа целосна дислокација на Центарот за зависности бидејќи две децении живеат во страв од иглите и шприцевите расфрлани околу објектот. По веста за дисперзија протестираа и граѓаните од Аеродром и Ченто кои не сакаа зависници во нивната општина. И додека се дојде до конечното решение, повеќе од 500 лица се уште земаат метадон на едно место. Тоа не е во интерес ниту на зависниците ниту на граѓаните кои пак оправдано го искажуваат своето незадоволство бидејќи на ваков начин сметаат дека е загрозено нивното здравје и безбедност.