Успешната приказна на Центарот за зависници при „8 Септември“ кој функционира седум години, освен на помалиот број на пациенти, се должи и на кадарот што вклучува петмина вработени, како и на добрата меѓусебна соработка што ја имаат со останатите лекари во самата болница. Но, сликата – чиста околина без расфрлени употребени шприцеви и игли, не значи дека ситуацијата е розова, велат од Центарот.

Планот за дисперзија на зависниците е речиси неостварлив. Ова го покажуваат неуспешните долгогодишни обиди истото да се спроведе, а и недоволниот број на кадар што е неопходен за да им се овозможи и психолошки третман на пациентите.

За недоволниот број на персонал Филипче најави решение, ќе се вработеле 30 луѓе. Кога и со каков договор ќе се „вдомат“ психијатри, социолози и медицински сестри, и дали воопшто има интерес за вакви ангажмани, не прецизираше.

Од здруженијата за борба против зависности велат дека здравствените власти ќе добијат целосна поддршка само доколку дисперзијата се спроведе по светски стандарди.

Долгогодишниот проблем кој не успеа да го реши ниту една власт досега, го актуелизираа жителите на Кисела Вода, преку протест побараа дислокација на центарот кој и пред две децении, беше лоциран таму, како привремено решение. Потоа на улица излегоа граѓани од Гази Баба и се побунија поради најавата оти центарот ќе се дислоцира во нивната општина. Откако Филипче се предомисли и најави дисперзија на зависници во неколку општини, протестираа и Аеродромци, кои пак, побараа повлекување на оваа одлука. Иако попушти пред другите, Филипче не им удоволи на Аеродромци. Се консултираше со локалните власти и здруженија и реши да не отстапува од одлуката, и во поликлиниката „Јане Сандански“ да има центар за зависници.