Докторите кои се блиски до власта сепак признааваат дека некои одредби кои се донесени не соодветствуваат на тоа што е нормално, реално и во границите на нормалата. Едноставно дете не смее да биде оставено без мајката да лежи во болница. Но, со оваа влада, со хаосот што го направија во здравството ништо не чуди и неможе да не изненади. – посочуваат родителите
Од трошоци за лежење во болница да биде ослободен и родителот што го придружува детето кое се лекува во болнички услови. Ова е старо барање и треба повторно да се разгледа бидејќи уште не е решено, укажуваат граѓански здруженија, во име на родители на деца кои подолго време престојуваат во болница.
Сега, регулативата е дека ако детето е до три години и родителот го придружува, за родителот не се наплаќа. Но, за дете над три години кое во болница е заедно со родител, плаќа и родителот, и тоа по 800 денари од ден.
-Никоја мајка нема да остави мало дете само во болница. Не е само за медицинската грижа, некој треба да го теши детето, да го забавува, да го пресоблекува – вели И.М., мајка на дете кое неколкупати било хоспитализирано поради инфекции.
Таа додава дека видела родители кои се во очај кога на детето ќе му се продолжи престојот во болница. Така, наместо кон болното дете, грижата се насочува кон тоа како да се плати сметката. Во клиниките раскажуваат дека неретко имаат случаи кога пациенти, па и родител со дете, им бега без да плати.
-Сме имале безброј такви случаи, и на Детска клиника, и кај нас, и на други места. Родители што се социјални случаи сами сме ги ослободувале од надомест. Сме земале предвид дека детето сепак е болно и му треба родител до него. Сега, законот вели дека ако детето е три години и еден ден, родителот кој е во придружба мора да плати. Лично сметам дека таквата одредба треба да се смени, оти и на тие деца од 4, од 5, од 6 години, им треба мајка до нив – вели д-р Ангелчо Андоновски, директор на детската болница „Козле“.