Големиот број на новоинфицирани со ковид-19 посебно помеѓу младата популација е последица на прилично неодговорно однесување, континуирано, а посебно во периодот на предновогодишни и новогодишни прослави. Ова во изјава за медиумите го посочи директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ, откако во текот на вчерашниот ден беа регистрирани над илјада заразени со ковид-19.

– Во изминативе две години бевме сведоци на сериозно непочитување на и далеку построги мерки за превенција на ковид, нашиот народ очигледно не може никој и ништо да го спречи во прославите независно од висината на чекот кој ќе го платат лично, фамилијарно, а на жалост и колективно. Белиот мантил интензивно и гласно повикуваше за сериозна потреба од одговорно однесување за пред празничен и празничен период, но на жалост толку е вербата во нас и респектот кон нас белите мантили, се разбира додека не дојде маката на врата – изјави Стевановиќ.

Таа нагласува дека би биле среќни кога граѓаните што сакаат поголема сигурност се вакцинираат редовно и според препораките се во поголем број. Третата доза вакцина, додава, е неопходна за потенцирање и зголемување на имунитетот и заштитата од ковид-19.

– Ниту, пак, прележаните за кои некои мислеа дека се повеќе заштитени, денеска гледаме дека не се. Омикронот има далеку поголема моќ за реинфекција што деновиве ја констатираме по нашите амбуланти. Што се однесува до заштита на вакцините никогаш ниту една вакцина не обезбедила 100 процента заштита. Нивната заштитна моќ ќе биде различна зависно од мутациите на одредени соеви на вирус. Но, од секоја една од нив очекуваме далечна заштитна моќ зависно од мутациите на одредени соеви од вирус, од секоја очекуваме далеку полесна болест – посочува Стевановиќ.

Интензитетот на амбулантски прегледи, информира таа, сериозно е зголемен на Клиниката за инфективни болести и затоа апелира пациентите прво да се обратат кај своите матичните лекари за првични инструкции и третман со цел да овозможат време и простор за секој еден потежок пациент да добие соодветно внимани.

– И покрај очекувањата инфекцијата со омикрон е лесна секако дека и голем број на инфицирани случаи ќе имаат потреба и од болничко лекување што секако ќе ги пополни болничките капацитети. Мораме да мислиме и на фактот дека интензивно осцилираат и другите зимски вируси пред се инфлуенцата кое се манифестира со сериозни симптоми и потреба од болничко лекување, мора да обезбедиме простор за секој еден пациент кој има потреба од лекување – нагласи Стевановиќ за македонските медиуми.