Две мачки се првите домашни миленици во САД кои се позитивни на коронавирус, објави американскиот Центар за контрола и превенција на болести.

Мачките се од различни делови на сојузната држава Њујорк, имаат благи респираторни проблеми и се очекува во целост да заздрават.

Центарот за контрола и превенција на болести истакнува дека нема докази дека домашните миленици може да имаат улога во ширењето на вирусот во САД и дека во овој момент не се препорачува рутинско тестирање на животни.

Се препорачува сопствениците на животните да не дозволуваат интеракција со други луѓе или животни надвор од домаќинствата. Мачките треба да останат дома, а кучињата да се шетаат на ланец со одалеченост од најмалку два метри од други луѓе и животни.

Едно истражување спроведено претходно овој месец утврди дека мачките можат, а кучињата не можат да се заразат со коронавирус откако Светската здравствена организација порача дека ќе го проучи преносот на вирусот меѓу луѓето и домашните миленици.