Државниот завод за ревизија открил дека одредени услуги и рецепти биле наплаќани по два пати од Фондот за здравствено осигурување, посочи главниот државен ревизор, Максим Ацевски, во своето вчерашно телевизиско гостување. Државниот завод за ревизија утврдил 22.000 два пати наплатени рецепти, за кои биле платени 2.624.853 денари.

– Голем број евидентирани рецепти се двапати фактурирани, висок е процентот и на двапати платени услуги итн., рече Ацевски.

Тој посочи дека државата треба да се грижи тие контроли да бидат претежно наменети кон приватните здравствени установи, кога веќе имаме одлевање на државни пари од Фондот кон приватните установи.

– Ние континуирано укажувавме дека има повеќе причини кои претставуваат ризици во работењето на самото ФЗО, посебно во делот на заштита на податоците и нивната безбедност, истакна главниот државен ревизор Ацевски.

Ацевски рече и дека Државниот завод за ревизија со години предупредува на недоволно високото ниво на заштита на податоците на фондот. Тој потврди дека во актот за систематизација и организација систематизирани се 34 вработени кои имаат или треба да имаат познавања од ИТ-безбедност или ИТ-инженери. Но како што посочи, во последниве 10 години нема осовременување на ИТ-системите.

Од нивните извештаи може да се види дека Фондот плаќа завидни суми за одржување на нивниот систем. Во 2021 година ФЗОМ платил 17 милиони денари за одржување на самиот ИТ систем, а во текот на 2018 година набавен е одреден софтверски пакет кој што до денот на ревизијата воопшто не е имплементиран. Состојбите во ФЗОМ се далеку од потребното ниво, рече Ацевски.