Државниот завод за ревизија (ДЗР), по извршена ревизија во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, јавно објавува дека изразиле мислење со резерва во однос на вистинитото и објективното прикажување на финансиските извештаи и за усогласеноста на активностите и финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.

Извршена е ревизија и издаден е извештај на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија за 2020 година, при што е изразено мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законска регулатива, упатства и воспоставени политики“, наведено е во резимето на извештајот на ДЗР, кој е јавно достапен.

Понатаму се вели дека со ревизијата било опфатено и спроведувањето на препораките дадени во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2020 година, и било констатирано дека од вкупно осумнаесет препораки, само една е спроведена, додека спроведувањето на три препораки е во тек, а три препораки имаат статус на делумно спроведени. Единаесет препораки воопшто не биле спроведени, објавува ДЗР. Со извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година, ревизијата утврдила дека:

– Системот на внатрешни контроли во процесот на остварување на правата од ПИО и процесот на исплата на пензиските примања е уреден со повеќе поединечни интерни акти и процедури од кои дел не се ажурирани целосно согласно на електронскиот систем кој е во примена;

– Отсуствува целосна поделба на надлежностите и одговорностите на вработените вклучени во процесот поради недостиг на вработени, а воспоставените внатрешни контроли не секогаш го покриваат ризикот од комплетност на документацијата во електронското пензиско досие, точност и навременост во постапката.

Поради наведеното, смета ДЗР, постои ризик од неправилности во постапката за признавање на правата од ПИО, како и ризик од исплата на пензија и по истекот на законски утврденото право.

Фондот се соочува со недостиг на потребните кадровски капацитети во делот на стручен и обучен кадар за актуарство поради што изостанува реализирање на активности за изготвување анализи за состојбите во пензискиот систем, недоволен е бројот на вработени во Секторот за ИТ, а внатрешната ревизија функционира без утврдениот законски минимум на потребен кадар.

Слабостите во чување и архивирање на податоците во матичната евиденција го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од ПИО.

Поради недобиени соодветни податоци за вработување и регистрација на обврзниците, како и грешки при внесот од страна на други институции, на уплатната сметка наменета за прибирање средства од наплатен придонес за ПИО има нераспоредени средства кои Фондот не може да ги користи, а осигурениците не можат да ги остварат правата од ПИО, се вели во извештајот на ДЗР.