Низа неправилности во работењето на ЈЗУ Институт за јавно здравје од Скопје открил Државниот завод за ревизија. Ревизорите утврдиле дека  вработени  во 2016 година добивале повисоки плати со пресметка на повисок коефициент од законски утврдениот. Од 25 досиеја на вработени, кај три било констатирано дека има исплати на повисоки плати, кај едно лице дека има понизок степен на образование, а зема плата по повисок коефициент. Во извештајот на ревизорите пишува дека седум лица добивале надоместок за раководење, иако тоа законски не било дозволено. Ревисорите посочуваат дека две лица што биле назначени за началници го немале потребното работно искуство предвидено со актот на систематизација. Институтот исплаќал прекувремена работа, но во 19 случаи за тоа немало одобрение, а таму каде што имало исплати, не бил приложен извадок од електронскиот систем за евиденција на работното време. Притоа не се вршела анализа на оправданоста за отсуството од работа, која е поврзана со исплатата на плати.

Исто така ДЗР констатирал и сомнителна употреба на службени автомобили за лични цели, точење гориво на сметка на Институтот, немање јасно дефинирани правила кој колку може да потроши од неговиот буџет. Тоа се само некои од утврдените неправилности. Ревизорите утврдиле дека Институтот нема јасен правилник кој и за какви потреби може да ги користи службените возила, а евидентирале и дека биле потрошени 444 илјади денари по ресторани и кафулиња без никакво објаснување дали тие пари биле користеле законски и за службени потреби на вработени во Институтот.