Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) во соработка со ИТ-компанија ќе подготви нов електронски систем на доставување на решенијата за изолација на новозаразените откако биле разгледани неколку опции за поефикасно доставување и по објавите на медиумите дека ДСЗИ на неговата веб-страница јавно ќе ги објавува имињата, презимињата и адресите на новозаразените со КОВИД-19.

За новиот систем биле консултирани професори од Правниот факултет и стручни лица од Агенцијата за заштита на лични податоци за да бидат земени предвид позитивните законски прописи за заштита на личните податоци, а во таа насока претставници на Инспекторатот вчера имаа средба и со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Според ДСЗИ, многу проблеми во пракса создава тоа што системот за процесирање и доставување на решенијата за изолација е обемен и застарен, а ситуацијата дополнително се комплицирала со новиот зголемен бран на новозаразени и скратувањето на роковите за изолација.