Додека заменик-министерот за животна средина очекуваше новинарски прашања на прес-конференција на која имаше и претставници на еколошки организации – други еко-активисти приредија герила акција. Упаднаа со транспаренти и не изустија ниту збор, но пораката нивна јасно се читаше „не сакаме да се труеме“.

Сепак, тука не заврши пресот. Од Еко-свест изјавија дека ни половина од мерките на Владата за годинава не се реализирале.

Заменик-министерот Макрадули има одговор за критиките. Кога досега се зборело за аерозагадување и пред да започне грејната – праша тој. Ги наброи мерките кои чекор по чекор ги имаат зацртано во неговото министерство.

Макрадули освен што кажа што е во фокусот на министерството во пресрет на зимата, го слушна и мислењето на активистите со коишто седна на иста маса.

Тие посочија дека клучот за намалување на аерозагадувањето е децентрализација на производството на електрична и топлинска енергија.