Во земјава засега има само еден случај на новиот сој на КОВИД-19, омикрон, а епидемиолошкота состојба останува стабилна. За време на новогодишните празници надлежните сметаат дека дополнителни рестрикции не се потребни, бидејќи како што велат, ситуацијата е мирна. Засега останува само еден случај на омикрон, и тоа кај маж кој во земјава допатувал од Велика Британија. Станува збор за реинфекција, односно пациентот во јануари 2021 година ја имал прележано болеста и тогаш бил асимптоматски.

Инаку, согласно последната статистика, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 119 случаи на КОВИД-19, од направени 2.324 тестирања. Оздравеле 257 пациенти, а починале три лица.

Епидемиолошката состојба останува стабилна, а како што најави вчера министерот за здравство Венко Филипче, во текот на следната недела ќе се направи дополнителна анализа.

– Засега е само тој еден случај на омикрон. Имајќи предвид дека е случај кој што доаѓа од странство, мислам дека треба да се направи дополнителна анализа во текот на следната недела. Сепак, тоа што е присутен во регионот може да значи дека е заради честите комуникации и патувања на нашите граѓани во соседните земји, изјави вчера Филипче.

Тој исто така додаде дека нема зголемување на бројот на новодијагностицирани случаи, а болниците и натаму работат без притисок од зголемен наплив на пациенти. Токму поради тоа, министерот останува на ставот дека нема потреба од какви било дополнителни рестрикции. Филипче смета дека сите земји во светот треба да научат да живеат со општите превентивни правила и зголемување на степенот на вакцинација и тоа е излезот од оваа криза.

Задолжителната вакцинација, мерките за патување и непреполнување на затворените простории според ресорниот министер, се сосем доволни.

– Животот постепено се нормализира, некаде целосно е нормализиран и сметам дека овие превентивни мерки се сосем доволни. Замислете да имаше огромен број пациенти и преоптоварени ковид-центри. Сега ковид-центрите не се полни зошто нема пациенти, нема приеми ниту во ковид-центрите во Скопје, ниту ширум државата. Во огромен број од инфективните одделенија практично нема хоспитализирани, рече Филипче, посочувајќи дека десетина инфективни одделенија се празни.