Епидемиолошката состојба во Србија се влошува, бројот на новозаболени се зголемува, а болниците почнуваат да се полнат, изјави вчера епидемиологот и член на кризниот штаб, Предраг Кон. Тој посочи дека на 1 август се очекува седница на Кризниот штаб за борба против короната, со што најверојатно ќе бидат донесени и нови мерки.
– Мерките против короната се уште се на сила и треба да се почитуваат, а искуството не значи ништо ако продолжиме да се однесуваме како да сме без искуство. Ако не се вакцинираме, ќе мора да се бориме против овој вирус многу долго време. Невакцинацијата на младите ја продолжува директно оваа пандемија, оцени Кон.
Според него, кај помладите, особено кај жените, постои отпорност на вакцинација, „поради страв од сериозната заблуда дека вакцината може да влијае на можноста за раѓање“. Тој исто така кажа дека етички е целосно неприфатливо здравствените работници да не се вакцинираат, не само заради себе, туку и заради потенцијална опасност за пациентите.
Говорејќи за епидемиолошката состојба во Србија, директорот на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Србија, Маријан Ивануша изјави дека очекува епидемиолошката состојба да се влошува секоја недела и ги посочи носењето маски, одржувањето на далечина и вакцинацијата како важни.
– Во европскиот регион, ситуацијата генерално се влошува, од 50 земји, само две или три се„ зелени“, а останатите се во „портокалова“ или„ црвена“ зона, што значи дека ситуацијата се влошува. Причината е најчесто делта сојот, посочи тој.