Белгискиот епидемиолог, Мариус Жилбер, за белгискиот јавен сервис РТБФ денеска објасни дека вирусот Ковид-19, познат како коронавирус, е вирус што се шири брзо и дека е важно да се биде сериозен и подготвен.
Белгија, која засега има само еден случај на заразено лице на својата територија, стравува од враќањето на 110 белгиски туристи во карантин во Шпанија, како и од прогресијата на вирусот од Италија, јави дописничката на МИА од Брисел.
-Неизбежно е да се множат случаите затоа што гледаме дека очигледно станува збор за вирус што тешко се контролира од повеќе причини, гледаме прогресија која тешко се спречува, вели епидемиологот Жилбер од бриселскиот универзитет УЛБ.
Тој смета дека е важно земјата да се подготви најдобро и најсериозно што може “без посебна паника“.
-Станува тешко да се помисли дека може да му се избега на овој вирус, вели докторот.
Тој објасни дека овој вирус е најопасен за лицата на 40-годишна возраст кои имаат други здравствени проблеми, како шеќер, респираторни проблеми, итн.
Најмал е ризикот за децата помеѓу нула и петнаесет години, според научните истражувања, вели тој.
-Имаме 40 илјади случаи во Кина и гледаме дека ризикот од зараза помеѓу нула и петнаесет година е многу мал, ова е сериозна болест, веројатно поопасна до сезонскиот грип, но не сме ниту во катастрофално холивудско сценарио, изјави докторот Жилбер.