Работодавачите во индустријата и услужните дејности во Европската унија во 2022 година плаќале просечно по 30,50 евра за час работа, а најскапите трошоци за час за работа во Луксембург биле 50,90 евра.

Германскиот сојузен завод за статистика (Дестатис) денеска соопшти дека Германија со просечна цена на час од 39,50 евра се наоѓа на седмото место меѓу 27-те членки на ЕУ. На тоа место е од 2019 година. Просекот во 20-те земји-членки на ЕУ кои го користат еврото како заедничка валута беше 34,30.

Веднаш зад Луксембург според трошоците за работна сила на час е Данска, со 46,80 евра, а по неа е Белгија со 43,50. Пред Германија се Франција, Холандија и Шведска, со нешто повисока цена на час работа, а веднаш зад неа е Австрија со 39 евра.

На дното е Бугарија, каде работодавците во 2022 година плаќале во просек по 8,20 евра за час работа. Пред Бугарија се Романија (9,50), Унгарија (10,70) и Хрватска (12,10 евра). Најблиску до европскиот просек е Италија со 29,40 евра.

Дестатис наведува дека германската саатница во 2022 година била за околу 30 отсто повисока од просекот на ЕУ и дека овој сооднос останал релативно непроменет во однос на 2021 година. Во исто време, Германија беше четврта во Европа по највисока цена на час работа во индустријата со 44 евра и 44 отсто поскапа од европскиот просек.