Во рамки на Европската недела на мобилност, вчера, во Синеплекс се одржа проекција на екофилмови посветени на велосипедот. Во организација на Гоу Грин Скопје, во рамки на проектот „Младинско кино на ЕУ: Зелен Договор“, кофинансиран од Европската Унија, овој настан го посетија 200 ученици од средните и основните училишта од Скопје, каде имаа можност, преку филмови и дискусија, да зборуваат за важноста за користење алтернативен транспорт кој не загадува, за Европскиот зелен договор и за важноста на филмот во едукација на младите.

На дискусијата присуствуваа амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир кој изјави дека екомобилноста е важна во борбата со климатските промени. Возењето велосипед ги намалува гужвата во сообраќајот и загадувањето, а истовремено промовира здрави навики. Понатаму, активистот Дарко Арсовски Петровски, од иницијативата НаТочак, зборуваше за можноста да се поврзат градовите во нашата земја со безбедни велосипедски патеки, да се овозможи систем за изнајмување велосипеди во градовите за подобрување на туризмот и на мобилноста до училишта, работа, рекреација, како и за можноста за комбинирање на транспортот – јавен превоз со велосипедски, железнички и слично.

Саша Станишиќ од Унијата на македонски креативни индустрии зборуваше за тоа како аудиовизуелната индустрија во сите нејзини сегменти (снимање/продукција, дистрибуција и киноприкажување) влијае врз загадувањето на животната средина, какви стратегии и зелени политики развива Европската Унија во насока на надминување на овој проблем и што нашата аудиовизуелна индустрија и држава прави за тоа.

Според Мила Јовановска од Гоу Грин „едукацијата на младите за климатските промени и заштитата на животната средина е многу важна, бидејќи тие се идните генерации кои ќе ја наследат Планетата Земја. Кога човек е запознаен со нешто што подобро го разбира и може само да го унапреди, така и со младите – сакаме тие да ја унапредат животната средина и да ги ублажат последиците од климатските промени преку нивните секојдневни активности, но и понатаму како професионалци во разни области. Гоу Грин Скопје веќе 12 години работи токму на едукација кај младите и многу ни е драго што, преку  овој проект, имаме можност тоа да го правиме и преку филмови, промовирајќи ја и уметничката култура“.

Европската недела на мобилност се одбележува за да се промовира одржливата урбана мобилност, се поттикнуваат промени во навиките во насока на активна мобилност, користење јавен транспорт како и други алтернативи. Оваа година темата е „Подобри врски“ и се одбележува од 16-22 септември.

ЗА ПРОЕКТОТ EU YOUTH CINEMA: GREEN DEAL

Започнувајќи во Европската година на младите 2022 година и со времетраење од 24 месеци, „Младинско кино на ЕУ: Зелен Договор“, кофинансиран од Европската Унија, нуди континуирана програма со силен мултикултурен пристап и јасен фокус на информирање и едукација за Зелената агенда. Проектот посветува внимание на еколошките предизвиции ја промовира свеста за поодржлив начин на живот. Селекцијата на зелени филмови се состои од 25 европски филмови кои ќе бидат претставени во кината Cineplexx во 20 европски градови во Австрија, Хрватска, Северна Македонија, Романија и Словенија како и на платформа за стриминг www.euyc.green/mk. Едукативната програма е надополнета со работилници, предавања, дискусии и дидактички материјали и е достапна со регистрација на https://www.youth-cinema.eu/mk. Партнер за имплементацијата на активностите во С. Македонија е Здружението Гоу Грин Скопје.