Во заедничка изјава за медиумите, европска комесарка за здравје и безбедност на храна, Стела Киријакидес, Ханс Клуге, регионален директор на Светската здравствена организација за Европа и Андреа Амон, директорка на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, посочуваат дека пандемијата на Ковид-19 се уште не е завршена.

Тие констатираат дека повторно се бележи пораст на показателите во Европа, што укажува дека започнал уште еден бран на зарази, обрнувајќи внимание на можното повторно појавување на грипот со доаѓањето на есента и зимата. Во соопштението се истакнува дека милиони луѓе ширум Европа сè уште не се вакцинирани против Ковид-19.

– Европските земји треба да вложат максимални напори да стигнат до невакцинираните, за да добијат и дози од вакцината против Ковид-19, а во исто време да дадат дополнителни дози на приоритетните групи, согласно националните препораки, се наведува во заедничката изјава.

Беше истакнато дека е важно здравствените работници, лицата над 60 години, бремените жени, како и лицата чии постоечки болести го зголемуваат ризикот од потешки форми на болеста во случај да се заразат, да се вакцинираат против грип и Ковид-19.