Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) соопшти дека е започнето тестирањето примероци на лекот за дијабетес, Метформин, за да испита дали содржи супстанца Н-нитросодиметиламин(НДМА), која предизвикува рак.

„ФДА истражува дали метформинот на американскиот пазар содржи НДМА и дали е над прифатливиот дневен лимит на 96 нанограми“, рече Џенет Вудкок, директор на Центарот на ФДА за проценка и истражување на лекови.

Метформин е првиот лек за дијабетес тип 2, кој под различно име се користи во сите земји во светот. Лекот го намалува производството на гликоза во црниот дроб и ја зголемува чувствителноста на организмот кон инсулин, така што доаѓа до поефикасно искористување на инсулинот. Метформинот е четвртиот лек кој најмногу се користи во САД, каде повеќе од 30 милиони луѓе имаат дијабетес, а 90 до 95% се тип 2.

И Европската агенција за лекови( ЕМА) бара од компаниите да ги тестираат лековите со метформин во ЕУ за можно присуство на НДМА. ЕМА го опиша ризикот досега како многу низок, повикувајќи ги пациентите да продолжат со земање лекови, бидејќи опасноста од несоодветно контролирање на дијабетесот е далеку поголема.

Истрагата на ФДА ги следи наодите и на другите земји со ниско ниво на НДМА во лекови со метформин таму, соопшти агенцијата. Врз основа на добиените информации, супстанцата НДМА кај овие лекови се движи во рамките на предвидените нивоа во храна и вода.

Метформин е стандарден лек во раните фази на дијабетес тип 2. Помага во контролата на високиот шеќер во крвта и се продава под голем број на брендови, вклучувајќи ги и Фортамет и Глукофаж кој широко се применува и кај нас.

Метформин, Енаприл за покачен крвен притисок и Дијазепам се најмногу користени лекови во нашата држава во последните години, покажаа податоците на ФЗОМ во 2017 година.