Министерот за здравство Венко Филипче денеска на својот фејсбук профил истакна дека британскиот сој на вирусот се шири и поради тоа не е исклучена можноста на некаква форма на дополнителни мерки, на локално ниво или на територија на цела држава.

-Засега немаме индиции дека такви мерки треба да препорачаме, но ќе направиме дополнителни анализи. Во овој момент се прави анализа на една серија во Лабораторијата во МАНУ. Резултатите ги очекуваме следната недела и треба да дадат одговор и на зголемениот број случаи на ковид инфекции во последните неколку дена. Да продолжиме со почитување на мерките, апелирам да се придржуваме до нив во целост, напиша Филипче на Фејсбук.

Во изјава за медиумите, пак тој посочи дека има покачување на бројот на заразени и дека британската мутација е застапена со 50 проценти. Зголемениот број на заболени можно е да се должи и на британскиот сој, меѓутоа и на генерално непочитување на мерките во делот на собирите, рече Филипче.