Лидерите на двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев се во задолжителна домашна изолација, истакна на вонредното обраќање министерот за здравство Венко Филипче.

Министерството за здравство потврди дека еден новинар вработен во телевизија е позитивен на Ковид-19. Истиот во изминатиот период имал тв интервјуа со лидерите на двете партии кои се тестирани на коронавирус.

-Резултатот на Христијан Мицкоски кој беше изработен доцна синоќа е негативен, но тој ќе биде во задолжителна самоизолација до истекот на 14 денаод последниот контакт со заболениот. Во овој момент нема потреба од посебни епидемиолошки анкети. Резултатот на претседателот на СДСМ, Заев, со оглед на тоа дека тој доцна синоќа замина за Струмица, ќе биде готов во текот на денешниот ден, но и тој веднаш е ставен во домашна изолација, истакна министерот за здравство.

Филипче, информираше дека новинарот позитивен на коронавирус е на лекување во болницата „8 Септември“ и е во стабилна здравствена состојба.

-Во текот на денот ќе се направат анкети и наод и со точната бројка на лицата кои ќе одат во изолација ќе евалуираат епидемиолозите доколку има потреба, објасни Филипче.

За резултат на Заев, министерот најави детали на прес-конференцијата која ќе се одржи во текот на денот.