Министерот за здравство, Венко Филипче соопшти дека заврши увидот на инспекторите од Агенцијата за лекови, во сите места каде биле детектирани  како што вели „вакцини со добар и проверен рок“ меѓутоа со погрешна декларација.

„Го констатираа бројот, извештајот е готов и сега ќе се продолжи во насока на санкционирање на оваа постапка кон веледрогеријата „Македонијалек“. Ќе инсистираме тоа да биде максималната казна, со оглед на тоа што сметаме дека ваков тип прекршок, кој сериозно го урива угледот на јавното здравство не треба никогаш повеќе да се повтори. Ова ќе биде укажување за сите, како внимателно да ги следат овие внатрешни процеси“, потенцираше министерот.

Филипче одговарајќи на новинарско прашање посочи дека од страна на Агенцијата за лекови таа казна за веледрогеријата е парична и ќе се движи од 30.000 до 70.000 евра.

Според одредени портали се прошири веста дека „Македонијалек“ ќе добие максимална парична казна од 70 илјади евра, поради погрешните декларации на вакцините.

Додека пак упатените посочуваат дека максимална висина за ваков прекршок на веледрогериите во конкретниот случај „Македонијалек“ не изнесува 70.000 евра туку 50.000 евра.

Тука се поставува прашањето дали министерот Филипче ги знае законите, бидејќи според законите тој може веледрогерија да ја казни само до 50.000 евра. Не може некого да казни надвор од законски рамки.