Четриесет и двајца студенти од Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе добијат стипендии од Фондацијата „Трајче Мукаетов“, која веќе 12-та година по ред ги степендира студентите од овие два факултети. Стипендирани ќе бидат 22 студенти од Фармцевтскиот и 20 студенти од Медицинскиот факултет.

Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци, а доколку ги исполнат предвидените услови, на стипендистите им продолжуваат стипендиите и во текот на наредната учебна година.

-Особено задоволство ми е што годинава се пријавија исклучително талентирани студенти, па одлучивме наместо 40, стипендирани да бидат 42 студенти, со што исполнивме квота од 500 стипендирани студенти за 12 години. Навистина ми е драго што фондацијата „Трајче Мукаетов“ и компанијата „Алкалоид“ биле дел од успешната приказна на 374 дипломирани стипендисти по медицина и фармација до сега – изјави Живко Мукаетов, претседател на фондацијата и генерален директор на „Алкалоид АД Скопје“.

Тој додаде дека за прв пат годинава Фондацијата има 5 првенци на генерацијата, сите со просек 10,00.

-Искрено ме радува и прикажаниот просек на првенците годинава. Еден од првенците веќе во наредниот месец ќе ја започне својата кариера во „Алкалод“, а до крајот на годинава вкупно 81 стипендирани студенти ќе бидат дел од компаниските процеси. Стимулирањето и наградувањето на младите таленти се надевам дека ќе биде мотив повеќе за испорачување на уште подобри резултати и уште повисоки идни дострели во областа на македонското здравство и фармација – рече Мукаетов.

Почнувајќи од учебната 2007/2008 година Фондацијата до сега стипендирала вкупно 500 студенти по фармација и медицина.

Освен тоа петмина студенти кои се првенци на генерациите од двата факултети ќе добијат и еднократна парична помош од Фондацијата во висина од 1.200 евра. Фондацијата ја доделува оваа парична помош почнувајќи од учебната 2009/2010 година.

Деканот на Медицинскиот факултет, професор д-р Соња Топузовска, по овој под изјави дека стипендиите ќе бидат мотивација за студентите да продолжат со својот успех.

-Драго ми е што водечката фармацевтска компанија во државата се обидува да ги задржи талентираните кадри своите кариери да ги реализираат во државата, особено затоа што изминативе десет години имаме голем одлив на кадри од државата – рече Топузовска.

Деканот на Фармацевтскиот факултет, професор д-р Светлана Кулеванова, посочи дека стипендијата е од големо значење за студентите од овој факултет и значи дополнителен поттик за нив по крајот на студиите да го најдат професионалниот ангажман во оваа компанија.

-Веќе 12 години имаме прилика да понудиме студенти кои можат да ја примат оваа стипендија. Освен тоа практиканството, на кое работиме заедно веќе две години, е неверојатно добра можност за нашите студенти. Месец до месец и половина под менторство во компанијата е неверојатно голема заслуга на генералниот директор на компанијата и е многу важно за нашите студенти – додаде таа.

Инаку, од 2009 година до денес, својата кариера во „Алкалоид“, во одделите на сегментот Фармација ја започнале 79 од стипендираните студенти на Фондацијата, и тоа 74 студенти од Фармацевтскиот факултет и 5 студенти од Медицинскиот факултет. Во текот на месец ноември 2019 година, професионално ангажирани ќе бидат уште двајца стипендисти.

Имињата на стипендистите ќе бидат објавени во печатените медиуми, а Извршната канцеларија на Фондацијата ќе ги контактира за потпишување договори за стипендирање.