Француската фармацевтска компанија „Санофи“/„ГСК“ произведе нова протеинска вакцина против Ковид-19 која е поразлична и поефтина од мРНА вакцината. Иако сѐ уште нема одобрување за употреба од ЕМА агенцијата се повеќе европски земји ја нарачуваат новата вакцина.

Веста за новата протеинска вакцина на француската компанија „Санофи“, предизвика интерес кај луѓето околу тоа колку е делотворна и по што се разликува од достапните вакцини. Познатиот имунолог Златко Тробоњача за хрватските медиуми ја објаснил разликата помеѓу постоечките векторски вакцини и вакцината која наскоро треба да пристигне во Хрватска.

– Нема никаков генетски материјал, тоа не е таканаречената РНК или ДНК вакцина, туку чист протеин кој влегува во нашето тело и веднаш делува на имунолошкиот систем. Она што е исто така важно е дека овие вакцини, протеински, се релативно слични со оние традиционалните вакцини на кои сме навикнати, да речеме вакцини против тетанус и слично, вели тој.

Тробоњача претпоставува дека ќе се дава една доза и смета дека и таа една би можела да произведе доволна количина на антитела за заштита.

– Ако компанијата „Санофи“ предвиди можност да се произведуваат антитела кои нема да го опфатат само изворниот облик на вирусот, туку и некои други соеви, тогаш тоа би можело да има поголемо значење во сузбивањето на постојните варијанти на Ковид-19, додава имунологот.

Сепак, оваа можност сѐ уште треба да се истражи. Вирусот постојано мутира, па се поставува прашањето колку би било исплатливо за компаниите да произведуваат и пласираат вакцини против секој сој што ќе се појави.