Најголем број на заболени во Битола се од белодробни болести, а по  нив следат оние граѓани со кардиоваскуларни болести. Но, тие не може да сметаат на соодветен третман бидејќи ангиографот  не работи околу една година.

-Месечно имавме околу 80 пациенти кои имаа потреба за вакво снимање. Но, сега сме приморани да ги праќаме во Скопје. Знаете ли што значи за лице со кардиоваскуларни заболувања да ги праќате во Скопје, велат специјалисти од оваа област.

Од Болницата укажуваат дека едвај се избориле пред шест – седум години да се екипираат во болницата, да добијат опрема.

-Сега се се распаѓа, пациентите не може да добијат услуга. Но, и болницата кубури, вработените се нервозни. На кардиологија се прави само ЕКГ и ехо на срце, тоа е срамота за болница, вели нашиот соговорник.

До 2006 година во Македонија имаше само во Скопје и Охрид ангиографи. Од 2006 година па се до 2017 година беше инвестирано и се набавија ангиографи и за Битола, Тетово, Штип и Струмица.

-Сега како се расипува апаратурата никој не средува да се поправи. Имаме ситуација кога не работат ангиографите во Битола и Охрид и сите пациенти се препраќаат во Скопје. Но, тука во Скопје има голема гужва како на Киника за кардиологија, така и во 8-ми Септември, велат лекарите.