Во изминатиов период во Грција е забележано зголемување на бројот на заболени со Ковид-19. Зголемен е и бројот на хоспитализации, а како што посочија Претседателот и потпретседателот на ЕОДИ, Теоклис Заутис и Димитрис Параскевис на денешната вонредна прес-конференција, најголемо е зголемувањето на заразени со Ковид-19 на туристичките дестинации.

Станува збор за областа Атика, поширокиот регион на Атина, на островите во Јонското море и јужниот дел на Егејското море, како и на Крит. Причината за одржувањето на вонредна прес-конференција е состојбата со пандемијата во Грција каде се зголемува и бројот на реинфицирани.

Согласно податоците од Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), проценките за бројот на активни случаи се движат од 150 илјади до 200 илјади. Како што изјави проферосот по епидемиологија Параскевис, во изминатите три седмици има континуирано зголемување на заразени на возраст од 18 до 24 години, но и зголемен бројот на реинфекции. Нагорен тренд има и во однос на лицата кои се лекуваат на Ковид клиниките, нешто што сепак не се пренесува на зголемување на хоспитализациите на одделите за интензивна нега во грчките болници.