Од Институтот за јавно здравје, Скопје, соопштија дека грипот ја однесе и третата жртва. Станува збор за 50-годишен човек кој боледувал од хронични болести. Тој починал на институтот за пулмологија каде и се лечел.

Во меѓувреме, расте бројот на заболени од грип, кој забрзано се шири. Неделава се регистрирани 5.660 заболени, што е за 74% повеќе од минатата недела.

Училиштата и градинките остануваат испразнети, а амбулантите вријат од пациенти. Министерот Адеми, пак, размислува за пролонгирање на наставата, зависно од заклучоците до кои ќе дојдат соодветните надлежни институции.

Докторите потсетуваат на препораките да се избегнуваат места каде има голем број луѓе, јавни собири, а дополнително ќе се одлучува дали ќе се забранат и посетите во болниците.

Одржувањето на личната хигиена, честото миење на рацете, внесот на доволно течности, избегнувањето на физички контакт и добриот сон се советите кои ќе ги спречат појавата и ширењето на грипот.