Женското здравје и разбивањето на стигмите и предрасудите поврзани со него се релевантни теми во секое општество, посебно во нашето кое се залага за развивање еднакви можности за сите граѓани. Затоа ја поддржувам оваа национална кампања која има за цел да се разбере колку менструалното здравје е витално за целокупната благосостојба на жените, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на дебатата насловена „Втор ден ми е“, со која почнува националната кампања на „Јавна соба“ насочена кон унапредување на женското здравје.
Министерката нагласи дека ова прашање директно се однесува на половина од населението а индиректно на сите, и иако овие генерации девојчиња и млади жени знаат многу повеќе за своето здравје отколку претходните генерации, сѐ уште во општеството има предрасуди.
- Важно е да се зборува за женското здравје, да се поткрева општествената свест и да дадеме значење на темата. Не смееме да правиме компромиси со женското здравје, затоа што тоа им овозможува целосно да учествуваат во сите сегменти на општеството: да се образуваат, да работат, да носат одлуки, да бидат лидерки, да ја водат државата. Да бидат мајки, да бидат еден од столбовите во семејството“, укажа Јаневска.
Како жена и како доктор, можам да кажам – нема ништо срамно во која била манифестација поврзана со женското здравје, вклучително и менструалниот циклус, посочи министерката, додавајќи дека како министерка се залага за образовни политики кои водат грижа за женското здравје.
- Едно од начелата врз основа на кои се развива основното и средното образование е грижата за репродуктивното и сексуалното здравје. Ова е уредено со измените на законот за основно образование и со новиот закон за средно образование. Образованието има клучна улога во создавањето можности за трансформација на штетните обрасци на однесување. Согласно регулативата, училиштето се грижи за сексуалното и репродуктивното здравје на учениците преку обезбедување информации базирани на научни сознанија, човекови права, еднакви можности и промовирање на почитување на различностите“, рече Јаневска.
Eдукацијата на учениците за сексуално и репродуктивно здравје ќе продолжи како и досега во деветто одделение во основното образование и во средното образование.
Има компании кои покажуваат општествена одговорност во борбата против менструалната сиромаштија, како резултат на што на државните универзитети се поставени 200 диспанзери за хигиенски влошки, а министерката Јаневска ги охрабри и другите компании да се приклучат во поддршката на женското здравје. Побара сите, во рамки на своите можности и должности, да делуваат во негова заштита, затоа што прашањето за женското здравје не познава етничка припадност и социјален статус, ниту пак има религиска или културолошка заднина.