Во Грција од вчера е укината мерката за задолжително носење маска на отворено, со што според тамошните здравствени власти, започнува постепеното олабавување на мерките кај нашиот јужен сосед.

– Оценуваме дека до крајот на март ќе бидат укинати поголемиот дел од постоечките рестрикции и ако вака продолжи пандемијата и се потврдат предвидувањата, Велигден и лето ќе бидат многу блиску до нормалата за вакцинираните, рече министерот за здравство Танос Плеврис, истакнувајќи дека сепак, рестрикциите и ограничувањата за невакцинираните ќе останат непроменети.

Во рамките на постепеното олабавување на мерките, за десет дена, односно од 15 март 2022 година ќе се укине и формуларот PLF (Passenger Locator Form) за патување во Грција, што веќе 20 месеци е задолжителен за влез во земјата, без разлика дали станува збор за грчки државјани или странски туристи.

Во однос на ситуацијата со Ковид-19 во Грција, од почетокот на месецов, во просек имаше по 16.000 новозаразени и по 57 смртни случаи дневно, додека пак вкупно, од почетокот на пандемијата, регистрирани се 2.486.262 случаи и 26.092 починати лица.