Обезбедени се лекови за повеќе од еден месец за пациентите со хронична миелоична леукемија(ХМЛ), но како понатаму ќе оди снабдувањето со лекот, се уште е неизвесно.
Од Клиниката за хематологија велат дека успеале да обезбедат мала количина од лекот Иматиниб за пациентите со хронична миелоична леукемија. Од таму велат дека станува збор за комерцијална набавка со која успеале да обезбедат 120 кутии од лекот и сметаат дека оваа количина ќе биде доволна за нешто повеќе од еден месец. До крајот на неделата најавија дека ќе стигне и донација од лекот.
„Во петок очекуваме да стигне и донација од 100 кутии со лекот Иматиниб“, велат за НОВА од Клиниката за хематологија.
Како понатаму ќе оди снабдувањето со лекот, се уште е неизвесно. Од Клиниката потенцираат дека преку Бирото за јавни набавки добиле согласност за итна набавка со краток рок до еден месец, како и тоа дека на 22 ноември Министерството за здравство ќе распише тендер за потребниот лек.
Од Министерството за здравство молк. Нема никаков одговор за скандалот со лекот Иматиниб, за тоа како се дозволило најтешкото болните да останат без неопходната терапија, какви можности предвидува законската регулатива и дали можело да се спречи да дојде до тоа пациентите да останат без лекот.
Во исто време, надлежните и понатаму продолжуваат да го кријат името на веледрогериите кои однапред се договориле да настапат со енормно високи цени на лекот и да не отстапуваат од цената.
На Клиниката се правдаат дека сето тоа спаѓа во „презумција на невиност“, не водејќи сметка дека со ова го довеле во опасност здравјето и животот на 130 пациенти со хронична миелоична леукемија, за што одговорност имаат и инстутуциите кои ги обезбедуваат лековите.
Како што веќе објави НОВА, околу 130 луѓе заболени од леукемија(хронична миелоична лекемија) десет дена останаа без неопходниот лек Иматиниб поради два пропаднати тендери-едниот поради однапред договорени цени на добавачите и вториот поради бирократски процедури.
Откако НОВА, објави за овој скандал вчера од Клиниката за хематологија информираат дека поднеле барање за поведување на прекршочна пријава до двете компании (економски оператори) кои учествувале како понудувачи на последниот тендер за набавка на лекот Иматиниб, „заради злоупотреба на доминантната позиција на пазарот на компаниите и заради здружување за остварување на енормно големи профити на сметка и штета на јавните средства и на пациентите заболени од Хронична миелоична леукемија (ХМЛ)“.
Дали за сето ова по допрен глас, ќе реагираат од Основното јавно обвинителство и од Антикорупциска комисија, останува да се види.