Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Гевгелија, во координација и соработка со здруженијата на инвалидизирани, слепи, глуви и наглуви лица, денеска побараа од општинските советници на сите хендикепирани лица да им се овозможи полесно движење низ центарот на градот и пристап до сите институции.

Хендикепираните лица бараат од гевгелиските советници да се предвидат во буџетот соодветни финансиски средства за следната година со кои би се спуштиле рабниците на тротоарите за непречено движење на инвалидските колички, би се обезбедиле паркинг места во центарот на градот со соодветно хоризонтално и вертикално одбележување како и пристапни рампи на објектите на јавните институции.

Покрај ова, хендикепираните лица од Гевгелија бараат да им се обезбеди барем еден овластен толкувач на ниво на локалната самоуправа, да се уредат тактилни патеки и да се адаптираат тоалетите во приземјето на објектот во кој е сместен Меѓуопштинскиот центар за социјални работи.