Откога започнаа мерките за заштита од хепатит во Клиничката болница во Штип, само за 20 дена во текот на септември откриени се шест пациенти со хепатит Б и двајца со хепатит Ц кои не знаеле дека ја имаат болеста. Хепатитот кај овие пациенти е откриен пред да се оперираат бидејќи така налагаат мерките на заштита кои се применуваат откако изби скандалот пред три месеци, кога болеста беше откриена кај 14 пациенти.

Надлежните институции и Центарот за јавно здравје не успеаја да утврдат дали пациентите болеста ја добила во болницата или ја имале претходно.

Билансот е следен: Кај 9 од заболените со типизација е утврдено дека имаат хепатит од тип Ц1, тројца имаат хепатит Ц3 и кај двајца не е докажана болеста.

„Откриени се вкупно 14 пациенти со хепатит и сите биле хоспитализирани во болницата. На сите за првпат им е дијагностицирана болеста, која е можно да ја имале и претходно. Ние ги спроведовме мерките и не можевме да го утврдиме изворот. Тоа значи дека и кај ниту еден од вработените со анализи не е најдена болеста“, изјави Ален Георгиев, директор на Клиничката болница во Штип.

Тој тврди дека ова покажува дека хепатитот е во пораст и дека се открива кај луѓе кои не ни знаеле дека ја имаат.

Случајот со заразените во штипската болница кои беа откриени во септември, а дел и летово, предизвика паника меѓу граѓаните, особено кај пациентите кои се оперираа во болницата.

Хепатит Ц е заразна болест и се пренесува исклучиво преку крв, заразени шприцеви и игли и несигурни здравствени процедури.