Се намалува бројот на тинејџерите што пушат, но се зголемува бројот на возрасните што ја усвојуваат грдата и лоша навика, покажуваат податоците од истражувањето на Институтот за јавно здравје.
Цигарите се секојдневие на речиси половина од возрасните од 15 до 64 години. Иако се свесни дека е штетно за здравјето, а и за домашниот буџет, тие ретко ги користат методите за откажување од цигарите. Поради тоа во Македонија годишно се пушат по 2.732 цигари по жител.
Истражувањата покажале дека повеќето од пушачите меѓу адолесцентите се момчиња.
– Имаме позитивен тренд во однос на намалување на употребата на цигари. Тоа е документирано со податоците од истражувањето за употреба на тутун кај младите, кое во 2008 година покажуваше стапка од 9,8 отсто, а 7,6 отсто во 2016 година. Од младите меѓу 15 до 34 години, 40 отсто се пушачи, а 51,6 отсто се изјасниле дека некогаш во животот пушеле – вели Елена Ќосевска, раководителка на секторот за ризик и следење на незаразни болести при ИЈЗ.
Резултатите од истражувањето во групата 15-64 години покажува дека 46 отсто се пушачи, а 53,9 отсто непушачи. Во однос на полот, 54 отсто од мажите и 33 отсто жените се пушачи. Најголема разлика во проценти на пушачи со непушачи има во групата од 35 до 44 години, каде што 66 отсто се пушачи, а 34 отсто непушачи.